Кои се 5те работи кои ви го разубавија актуелното сивило?

12.08.2020 12:25:10 / Објавено во БЛОГ

Најчесто насловите на текстовите кои ги сретнувате на интернет почнуваат со „10 најдобри начини да...“„Како да го...“, „15 причини зошто...“. Искуството покажува дека насловите од тој тип имаат најголеми шанси да бидат „кликнати“. Само по себе, тоа не е страшно, затоа што првата цел на авторот е да ви го сврти вниманието кон текстот. Разочарувањето следи во случаи кога содржината ни одблиску не го оправдува помпезниот наслов.

Овој пат немам намера да ви откривам „топла вода“ и  да сервирам магични решенија поврзани со осигурување. Текстот го пишувам затоа што сакам да слушнам нешто од Вас. Вие сте на ред. Размислете и споделете со нас Ваши убави искуства од овој траорен период.

Сите се соочивме со нешто сосема ново. Најголемиот дел од нашите емоции се спонтани и немаат врска со рутината на секојдневието пред оваа бурна 2020. Има безброј мемиња кои духовито ги отсликуваат промените во нашето расположение, нашите стравови и планови. Кога веќе ни е премногу од сѐ, на многумина од нас, ни доаѓа да кренеме раце и да се препуштиме на милост на законите за веројатност. И онака сѐ е надвор од наша контрола, како што би рекол Leonard Cohen: I’ve seen the future brother, it is murder.

Во друга ситуација пак, максимално се штитиме за да го сведеме ризикот на минимум. Победници во битките има и кај едните и другите, а во двата табори има и наши сограѓани кои не ги одбегна заразата. Ризикот постои во секој случај. Но, ако тука треба да нѐ покрива законот за веројатност, има случаи кога можеме сами да го намалиме штетното влијание од непогоди кои можат да нѐ извадат од петици. Да се потсетиме дека во екот на епидемијата, Загреб и Албанија беа погодени од земјотрес. Августовските дождови донесоа поплави во повеќе градови на Балканот. Во САД и покрај неприликите со корона вирусот, со месеци траат демонстрации во кои честа жртва се деловен и станбен, јавен и приватен простор. Вандализам и кражби се постојан дел од секојдневните извештаи за протестите. Ја посведочивме и страшната трагедија предизвикана од експлозија во Бејрут. Ризиците по нашиот имот и здравје се реални и присутни.

Да се вратиме на поведрите моменти од новото секојдневие. Оние за кои што Ве замолувам да размислите и да ги споделите со нас. Еве, ќе почнам јас. Првата работа е времето кое во карантинот го поминував со најблиските. Се согласувам дека е cliché, но квалитетот на поминатото време заедно беше сосема нов. Изобилие од креативност кај сите, готвење заедно, смислување квизови, игри, филмски вечери со хитови од 80тите и истражување на нови патеки за пешачење по планините околу Скопје. Второ, возење планински велосипед во природа. На светско ниво продажбата на велосипеди порасна за 40%. Има и зошто. Во време кога светот е во грч - практикуваш индивидуална активност во сосема релаксирачки амбиент. Време за себе, и ментално и физички. Засекогаш ќе ми останат врежани сликите од галичката висорамнина. Глетката на пурпурното зајдисонце зад Љуботен додека се качувам со точакот до св. Пантелејмон и си ја слушам магичната Fly on од Coldplay, чувство кое товарот на сите грижи го прави полесен и издржлив. Трето, средби со блиските. Ретки и со физичка дистанца и тие како да добија нов квалитет. При секоја средба како секој од нас да сака да извлече најмногу –присутни, се слушаме, се гледаме, се смееме од срце, сочувствуаме. Четврто - миленичиња! Ние речиси три години си ја имаме Нала лабрадорката и се грижиме за неа најдобро што можеме, а во овој период подетално обрнуваме внимание на нејзиното расположение, што ја прави среќна, а што тажна...убавината е во деталите, велат. А, да! И продажбата на миленичиња е во огромен пораст во овој период, што доволно зборува за потребата да се свртиме кон себе и да нижеме убави чувства наспроти спомнатиот глобален грч. Петто, уредување на домовите. И повторно деталите добиваат на значај. Секоја ситница сакаме да биде убава. Дворчето, станот ги освежуваме и реновираме (убаво си праша дотичниот новинар на пресот на министерот Филипче за реновирање). Сѐ на сѐ, убавината компензира за стравот, неизвесноста, грижата. За секој отров има противотров. Сонцето секогаш повеќе го цениме после бура. Насмевката е најсилна после болката. Да се навратам на песната Future од Cohen, во која еден стих вели: Love’s the only engine of survival. Вкупниот оптимизам извира од љубовта, а сите копнееме за неа.

Не знаеме со сигурност дека нема да се заразиме, но наше е да внимаваме. Не знаеме кога ќе се случи некаква непогода, но можеме да си го осигураме домот/имотот. Осигурајте се дека не сте ја заборавиле маската. Осигурајте се дека ги запазувате мерките за заштита, но во исто време осигурајте се и дека ведрината е Ваше доминантно расположение. Суштината на осигурувањето е токму тоа - кога ќе се случи некој непријатен упад во нашите животи, товарот да не го носиме сами, без разлика дали е тоа нашето здравје или наша материјална сопственост.

Чувајте го Вашето здравје и умножувајте убави искуства!

Стручњаците велат дека делува терапевтски да се отвориме и да зборуваме за трауматичните искуства, особено од ваква природа, кога траумата е и лична и колективна. Затоа пријатели, сите кои ќе ги споделите Вашите убави искуства од овој корона период на кратко во коментар, добивате подарок ваучер* за осигурување. 

 

Author

Марко од маркетинг :)


*Ваучерот е во износ од 500 денари за било која полиса во вредност од најмалку 3000 денари.

контакт детали

Ве молиме пополнете ги полињата

TOP