Шарена азбука на осигурувањето

Дали знаете што значи...?
Веројатно сте се прашувале, па решивме малку да се распишуваме. ☺

Често и ретко употребувани поими поврзани со осигурувањето, дешифрирани и објаснети во едукативно – забавниот лексикон на Лајон Инс

Insurance

А

Автомобилска одговорност - задолжително и најупотребувано осигурување, што и не чуди многу со оглед на возачката култура.

АO осигурување со кое се осигурува одговорноста на сопственикот, односно корисникот на моторното возило за штетите кои ќе ги причини кон трети лица со користење на возилото.

Полисата за автоодговорност мора да ја извадите за да го регистрирате Вашето возило за учество во сообраќајот. За изработка на полисата потребна е сообраќајната дозвола. Во случај да станува збор за прва регистрација на ново или увезено возило, потребна е фактура или хомологација.

Предмет на осигурувањето од автоодговорност можат да бидат и патниците во возилото со кое управувате, како и стаклата на истото.

Анекс - или златно плаќање на рати, да му се позлати раката кој го измислил.

Анекс е договор за одложено плаќање на премијата за осигурување (плаќање на рати)

,

Б

Блог – е кратенка од зборот Weblog и е веб страница на која се објавуваат текстови од неформален карактер налик на дневник.

Блогот може да биде индивидуална творба на едно лице како средство за комуникација или дел од веб страница на компанија на која таа ги комуницира актуелностите и корисните информации од областа со своите читатели.

Блогот на Лајон Инс е место на кое можете да се запознаете одблиску со нас, нашите новитети и секако место на кое можете да прочитате нешто корисно и забавно, баш какви што сме и ние – корисни и забавни :)

Бонус – е супер позитивен и посакуван термин во сите области, па и во осигурувањето.

Бонус е стекнат попуст кој се пресметува врз основа на отсуство на штета во изминатата година.

Брокерска компанија – не ви треба кога нѐ имате нас, ама еве да го појасниме значењето ☺

Брокерска компанија е компанија која нуди осигурување од повеќе осигурителни компании.

В

Вандализам – замисли некој да ти нацрта графити на твојот автомобил или куќа ☺

Вандализам е намерна штета нанесена на движен или недвижен имот.

Винкулација (изјава за винкулација) – хммм... не се сетивме баш ни на еден смешен пример со овој термин.

Винкулација е документ со кои се врши условување на сопственичкото право во полисите за осигурување.

Г

Гранично осигурување - се граничи со состојба на шок за странците кога ќе слушнат колку чини да возиш низ Македонија.

Гранично осигурување е задолжително за сите моторни возила со странски регистарски таблици кои не поседуваат задолжително осигурување од автоодговорност кое е важечко за сообраќај во Република Македонија.

Грејс период – време на милост на доверителот во однос на должникот за почеток на плаќање, старински „почек“ ☺

Грејс период е рок од 15 дена за одложено плаќање на премијата за осигурување од моментот на склучување на полисата.

Групно патничко задравствено осигурување – всушност како и секогаш значи дека за група следува попуст ☺

Групно патничко задравствено осигурување е полиса која вклучува повеќе осигуреници кои патуваат заедно и престојуваат заедно во ист временски интервал.

Градежна вредност – се акцентира зборот градежна! ☺

Градежна вредност е цена на чинење на објектот, доколку во времето и местотот на одредување на вредноста (проценката) таков ист објект одново би се градел.

Вредноста е одредена според вистинските цени на материјалите во моментот и местото на проценка со вклучен транспорт до градилиштето, со просечен нормачас на работна рака за истиот период и место, со одреден просечен коефициент (фактор) на работната рака кој ги претставува режиските трошоци и трошоците на непродуктивните учесници на изведувачот на објектот во период и местото на одредување на вредноста (проценката), намалена за износот на проценетата амортизирана вредност.

Д

Датум на издавање на полиса за осигурување – за сите кои сакаат да читаат рокови на траење ☺

Датум на издавање на полиса за осигурување е датумот на кој е издадена полисата. (важно! Овој датум се разликува од датумот на кои почнува важноста на полисата)

Датум на почеток на важност на полисата – ја дели секундата во која не си бил осигуран од онаа во која си осигуран ☺

Датум на почеток на важност на полисата е датум на кој почнува важењето на полисата, односно, најчесто тоа е на полноќ наредниот ден по издавањето на полисата освен ако осигуреникот не ја купил полисата пред истекот на важноста на важечката полиса, во кој случај пак, важноста на полисата почнува по истекот на важечката полиса.

Демонстрација (манифестација) – кој се сеќава на дивеењето на навивачите после натпревари, знае за што зборуваме.

Демонстрација (манифестација) се смета организирано или спонтано јавно покажување на нерасположение на група граѓани; Се смета дека настапил осигурен случај манифестација или демонстрација ако осигурената ствар е уништена на било кој начин на делување на манифестантите, односно демонстрантите (рушење, демолирање, разбивање, палење и др.).

Група граѓани во смисла на овој член не се сметаат редовно, привремено, на замена и сезонско вработени лица во организацијата (осигуреникот).

Доброволно здравствено осигурување – е вашиот билет за не влегување во државна здравствена организација.

Доброволно здравствено осигурување е полиса со која ги заобиколувате бирократските процедури кои се неизбежен дел од државната здравствена заштита.

Најважно, си обезбедувате целосен избор на здравствената установа и најквалитетна здравствена заштита за вложените сретства.

Договорувач – ќефлија на склучување договори ☺

Договорувач е лице кое го склучува договорот за осигурување со осигурувачот.

Домаќинско осигурување - не, не е да си ја осигурате домаќинката ☺

Домаќинско осигурување - Оваа полиса во зависност од пакетот кој го одбирате нуди заштита на Вашиот дом. Домаќинското осигурување полека го добива вниманието кое го заслужува преку развивање на свеста од нужноста за истото, како и за неговата достапност заради популарната премија.

Е

е-полиса – модерна полиса. ☺

Е-полиса купена и испратена во електронска форма преку интернет.

Експлозија (осигурен ризик) - или таканаречен Чак Норис на ризиците ☺

Експлозија (осигурен ризик) - се смета ненадејно пројавување на сила, заснована на стремежот на пареа или гасови за проширување. Експлозија на садови под притисок (казани, цевки и слично) постои само тогаш кога ѕидовите на садот се во толкава мера искинати што се јавува моментно изедначување на внатрешниот и надворешниот притисок.

Европски извештај - во овој случај не е некој извештај во кој нѐ караат пријателите од запад ☺

„Европскиот извештај – Извештај за сообраќајна незгода“ е образец изготвен од Националното биро за осигурување на Република Македонија. Истиот се добива бесплатно од друштвото за осигурување при склучување договор за задолжително осигурување (полиса) и на неговата задна страна содржи упатство за употреба во кое детално се наведени начинот и условите за негово користење.

Ж

Животно осигурување - кај нас познато како понепопуларен брат на Неживотно осигурување, а на “запад” обратно ☺

Животно осигурување е најчестиот и најраспространетиот облик на осигурување и штедење во сите развиени земји во Европа и светот. Полиса која нуди долгорочно решение, комбинирајќи ги штедењето и сигурноста, во склоп со индивидуалните потреби на клиентот. Сами одредуваме колку сакаме да штедиме односно сами креираме износ на осигурена сума.

Сега, единствено на нашиот веб сајт можете да направите пресметка за вашите потреби за осигурување и штедење со нашите Калкулатори за животно осигурување и проценка на пензија.

З

Зелениот картон - е оној што обично го буџетираме пред одење на одмор. ☺

Зелениот картон е територијално проширување на Осигурувањето од Автоодговорност во сите европски земји и останати земји членки на системот на Зелен Картон.

Ова е задолжителен тип на осигурување, и истиот мора да го поседувате кога со возилото ја напуштате државата. Зелениот картон е гаранција дека во случај на штетен настан во кој учествува возилото со кое управувате во странство, штетата ќе биде соодветно надоместена, без разлика дали сте причинител или оштетен.

Премијата на полисата зависи од силината на моторот кај патничките возила.

Земјотрес - во овој случај не мислиме на најновиот скандал на некоја старлета ☺

Осигурувањето од земјотрес покрива уништување или оштетување на осигурени предмети, кое што настанало непосредно поради земјотрес, или е во причинско-последична врска со земјотресот.

И

Имотно осигурување на правни лица - едноставна равенка: правно лице + имот = имотно осигурување на правни лица за мирен претприемачки сон.

Што сè може да се осигура? Недвижен имот (деловен простор – објект, помошни објекти). Машинска и друга опрема. Залиха на репроматеријали и готови производи.

Парични и други вредносни средства. Осигурени опасности: пожар и некои други опасности. Поплава, порој и високи води. Лекажа - истекување на течности од цистерни и цефководи. Слегнување на земјиште. лизгање и одронување на земјиште, земјотрес, кршење машини, провална кражба и разбојништво, кршење стакло и штети поради прекин на работа од пожар.

Имотно осигурување на физички лица – (види: домаќинско осигурување)

К

Каско - за да не каскате зад оние кои ја обезбедиле максималната заштита за своето возило.

Каско - полисата се однесува исклучиво на вашето возило. Таа ги покрива штетите настанати при сообраќајна незгода во која вие сте причинителот на штетата, како и штетите настанати поради временски непогоди, удар од предмет и злонамерни постапки како кражба или намерно оштетување.

Кражба (осигурен ризик) - е заштита од професионални и полупрофесионални оперативни групи и поединци кои оперираат низ вашите домови. ☺

Оваа полиса е осигурителна заштита од ризикот извршување или обид на провална кражба и разбојништво, како и вандализам во текот на извршување на провалната кражба.

Каренца - Што може да е каренца? Малечки караници? Италијански карирани кошули?

Под Каренца се подразбира период во кој Осигурувачот нема обврска на никаква исплата на надомест од осигурувањето. Каренца се пресметува од почеток на осигурувањето

Каренца се пресметува кај одредени полиси, при првото склучување на договор за осигурување.

Л

Лајон Инс АД – Вашата Сила Во Осигурувањето!

Ликвидација - е присутна и во вокабуларот на осигурувањето, не само во старите мафијашки филмови. ☺

Ликвидација е постапка која опфаќа сеопфатно разгледување на основот и висината на едно оштетено побарување, утврдување придонес во штетата односно одобрување на една штета и достава во финансии за исплата.

Луња (осигурен ризик) - иако милозвучен термин, има опасен карактер ☺

Луња (осигурен ризик) - се смета ветер со брзина од 17,2 метри во секунда, односно 62км на час (јачина од 8 степени по Бофоровата скала) или повеќе.

Ќе се смета дека дувал ветер со оваа брзина во местото каде што се наоѓаат осигурените предмети ако ветерот кршел гранки и стебла или оштетил редовно одржуван градежен објект.

М

Малус – е лошото братче на Бонус ☺

Малус претставува доплаток кој се пресметува од страна на осигуритрелот на оние осигуреници кои во изминатата година или пак изминатите години, имале определен број и износ на исплатени штети, односно кои самите предизвикале штети (случај кај осигурување од автомобилска одговорност).

На таквите осигурени во наредниот период им се пресметува и наплатува малус односно доплаток на премијата за осигурување. Ваквото пресметување на малус претставува материјално стимулирање на осигурениот, да преземе мерки за подобрување на техничкиот резултат на осигурувањето, од соодветната класа на осигурување.

Материјална штета – речиси сама си го објаснува своето значење. ☺

Материјална штета е оштетување на осигурен предмет.

Место на осигурување – секако не е место на кое што е склучена полисата, туку... ☺

Адреса на осигурениот објект (дом, деловен објект, итн)

H

Незгода (осигурување од незгода) - е супер осигурителен производ за цела дружина ☺

Незгода (осигурување од незгода) - Колективно осигурување на ученици и студенти, како и осигурување од незгода на работни колективи, односно заштита на вработените во текот на целото деноноќие, без разлика дали се наоѓаат на работното место или вон него.

Нематеријална штета – штета која може да викне: ауу, болиии...

Нематеријална штета е телесна повреда на осигурено лице.

О

Одговорност – покрај тоа што е екстремно дефицитарна компонента на нашето секојдневие, значи и:

секое наше делување и интеракција со околината повлекува и наша соодветна одговорност за истото. Во осигурувањето, ризикот од одгворност е можноста за ненамерна или намерна повреда на други лица или оштетување на нивниот имот. За голем дел од нашите одговорности при нашите делувања постојат осигурителни полиси кои го покриваат ризикот од тие делувања (на пр. Полиса за автоодговорност, одговорност од дејност, итн.)

Осигурување - или што би се рекло, подобро да го имаш пред да ти затреба. ☺

Осигурување е поврзување на ризикот на повеќе осигуреници во еден фонд, така законот на веројатност т.е. законот на големите броеви обезбеди да само релативно мал број на неповолни настани навистина се оствари во една година. Со тоа, трошокот на тој мал број на настани може да биде лесно поднесен од страна на голем број на осигуреници.

Осигуреник – практично е човек кој решил да игра на сигурно. ☺

Осигуреник е лице чии материјален или нематеријален интерес е осигурен.

Осигурувач – во нашиот речник не е оној познат дел на електричната табла кој кога паѓа ни снемува струја, туку е:

Осигурително друштво/компанија кое што со склучување на договор за осигурување го презема ризикот од настанување осигурен случај кој е опфатен со соодветната полиса и се обврзува на надомест на штета, односно исплата на договорениот паричен износ на осигуреникот.

Осигурен случај – е чкрапалото кое го активира запишаното во полисите. Или, прецизно:

кој доведува до остварување на оштетно побарување од страна на оштетениот/осигуреникот.

П

Патничко осигурување - или што би се рекло „за не дај Боже“, ама треба да го имаме на секое патување во странство.

Патничко осигурување е продукт кој Ви овозможува сигурност и заштита при патувањата надвор од државата. Затоа полисата за патничко здравствено осигурување е неизоставен дел од сетот документи потребни за мирно патување. Патничкото здравствено осигурување нуди максимална заштита од негативни последици при евентуални несреќи или итни медицински третмани во странство.

Покритие – што поголемо тоа подобро и посигурно. Затоа што тоа е ... „обемот на обврската на осигурувачот“.

Полиса – или тапија во осигурувањето ☺

Полиса претставува потврда дека е склучен договор за осигурување.

Понуда – е првиот чекор, „кршење на мразот“, отворање на картите ☺

Понудата е предлог за склучување на договор направен за определено лице кој ги содржи сите суштествени состојки на договорот така што со неговото прифаќање би можел да се склучи договор.

Премија – еее...ова е уште еден од термините што значи едно во осигурувањето, а сосема друго во разговорниот речник кој го употребуваме секојдневно. ☺

Премија е износот кој договорувачот на осигурување го плаќа според договорот за осигурување.

Проценка на штета – или познато како детективската работа во осигурувањето. ☺

Проценка на штета врши претставник на осигурителното друштво – проценител и со тоа ја испитува одговорноста и висината на исплатата. Постапката за проценка се состои од: известување за штетата; истрага за настанот кој го активирал случајот; докази за штетата; и плаќање или оспорување на штетата.

Прв ризик - голем шизик. Еве прост пример како да го објасниме овој шизик меѓу ризиците: имаш нешто што вреди 100.000 евра, ама (веројатно) најголемата штета (кражба на пример) што може да ти се случи е 10.000 евра (овие десет се првиот ризик). Тогаш осигурената сума за која ќе платиш премија е 10.000 евра и ќе бидеш осигуран од Прв ризик. Со овој начин се дава можност на осигурениот да ја одреди висината на сумата на осигурување во висина на најголемата штета која може да се случи на предметот што сака да го осигура.

Р

Ризик – имаме позната друштвена игра со тоа име, па познатиот шизик, а за нас тоа е:

Состојба во која постои можност за неповолна девијација од посакуваниот исход кој се очекува и на кој се надеваме. Секој вид на осигурување ги содржи и ризиците за кои нуди покритие. Колку е поголема заштитата (покритието на ризици), толку е поголема премијата која ја плаќа осигуреникот.

С

Скаденца – со други зборови „од – до“

Скаденца е времетраење на важност на договорот за осигурување.

Суброгација – уште еден поим кој подразбира триаголник. ☺

Суброгација во осигурувањето значи право на осигурувачот да побара наплата од трето лице.

Т

Транспортни ризици - за жал не ги покриваат траумите на патниците во јавниот сообраќај.

Транспортни ризици се настани кои може да влијаат на оштетување на стоката во текот транспортот. Тие се делат на: основни транспортни ризици; дополнителни транспортни ризици; штети поради недостатоци и природни својства на стоката; воени и политички ризици;

У

Услови на осигурување – како што знаеме, нема договор кој не содржи услови, па истото важи и за договорите за осигурување.

Секој договор за осигурување (за секој различен вид на осигурување) помеѓу осигурувачот и договорувачот, содржи посебни услови под кои истиот се склучува.

Ф

Финансиски загуби - не се мисли на тоа кога ќе ти паднат 1000 денари од џеб. ☺

Финансиски загуби се загубите опфатени во соодветен осигурителен продукт, кои ги претрпува комерцијален субјект како последица од настанување осигурителен случај.

Х

Хомологација – испит кој треба да го полага возилото увезено од странство. ☺

Хомологација претставува документ со кој се потврдува исправноста и целовитоста на користени моторни возила увезени од странство врз основа на кој се издава полиса за автомобилска одговорнсот.

Ц

ЦМР - за оние „шлеперот ми е на граница“ типови. ☺

ЦМР - е осигурување креирано за осигурениците кои се бават со извршување на транспорт, со обезбедени оптимални покритија од ризици и суми на осигурување кои одговараат на потребите и можностите на транспортерите. Друмските превозници со договорот за вршење на превоз на стоки, ја преземаат и одговорноста за штетите коишто можат да настанат на товарот, за којшто тие се одговорни. Оваа одговорност се уредува со домашното законодавство, како и со меѓународни конвенции. Со ова осигурување превозникот не ја осигурува пратката, туку својата одговорност за неа, а со тоа и финансиската загуба којашто може да биде предизвикана.

Ш

Штета (оштетно побарување) – прво да се рабереме, штета е да не сте осигурани. ☺

Штета (оштетно побарување) – е барање за надомест кое го поднесува осигуреникот до осигурувачот, а за претрпена имотна или телесна загуба, повреда.

Штетен настан – (види – осигурен случај)

TOP