Што издвојуваме од Националниот бизнис форум Скопје 2019?

16.12.2019 14:45:10 / Објавено во БЛОГ

Нашиот главен град беше домаќин на бизнис настан наменет конкретно за малите и средни претпријатија - главен фактор за создавање одржлив економски развој. 

Националниот Бизнис Форум - Скопје 2019 на едно место собра претприемачи, претставници на министерствата, државните агенции, европската унија и дипломатскиот кор во обид да го насочи фокусот кон малите и средни претпријатија кои се најчесто (за жал) исклучени од креирањето економски политики.

 

Воведниот говор го имаше Николо Бертолини од канцеларијата на ЕУ во Скопје, кој укажа на остсуството на креативен елан во искористувањето средства од европските фондови од страна на приватниот и државниот сектор во Македонија. Потоа на присутните им се обрати Дејвид Каро, претседател на ЕЅВА, кој меѓу другото посочи дека малите и средни претпријатија се пулсот на една економија. 

 

Следуваа три панел дискусии на актуелни теми на кои дознавме исклучително корисни информации за разните можности на користење европски пари.

  • Првиот панел го отворија домаќините на овој настан, претседателот на ОБК Веселин Халачев и членот на бордот на директори, Кремена Димитрова, давајќи воведни информации за програмите за финансирање за кои се аплицира директно во Европската комисија. Одлична презентација имаа и претставничките на Националната агенција, Милена Петрушевска и Љупка Ќуркчиева, во која на претприемачите им ја објаснија широката лепеза на можности за компаниите, обезбедена од програмата Еразмус, а преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, потикнувајќи ги будно да ги следат активностите на агенцијата преку релевантни информации и линкови. Конкретно, на претприемачите им соопштија дека повикот за Еразмус плус за 2020 година е веќе објавен од страна на Европската Kомисија. До крајот на годината ќе биде објавен и буџетот за Еразмус плус за 2020 година заМакедонија.

    Роковите за аплицирање на повикот од важност за компаниите се:

    - Мобилност на поединци во областа на ССО, училишното образование и во образованието за возрасни - 5 февруари 2020

    - Стратегиски партнерства во областа на образованието и обуката - 24 март 2020 година.
    - Сојузи на знаење 26 февруари 2020 година до 17.00
    - Сојузи на секторски вештини 26 февруари 2020 година до 17.00

         

Вториот панел, модериран од Игор Георгиевски, извршен директор на Лајон Инс, ни го донесе излагањето на Игор Стоименовски, претставник на АФПЗРР, кој ги даде сите детали врзани со користење на средства од ИПАРД фондовите. Ексклузивно на настанот беше објавено дека до крајот на актуелната финансиска програма ќе бидат објавени уште 5 повици, од кои:

За мерка 1 (инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства) и мерка 3 (инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи) во февруари 2020,

За мерка 7 (диверзификација на фарма и развој на бизниси) која е најпопуларна заради широката лепеза на можности, во мај 2020.

 

  • Третиот панел беше резервиран за претставниците на банките, кои ги презентираа актуелните поволности кои ги нудат за претприемачите, како и идните планови за олеснување на постапката за користење кредити од страна на претприемачите и други можности за upscale на компаниите, а помогнати од банкарскиот сектор.

Во финишот на последниот панел, модераторот Синиша Наумоски извршен директор на АБИТ С. Македонија ѝ додели стипандија за Академијата за банкарство и информатичка технологија во вредност од 1.500 евра на Мердије Имери.

На крај, со заклучок дека настани од овој тип се насушно потребни за сите чинители во нашата економија и нагласување на можностите кои произлегуваат од зголемено искористување на средства од европските фондови (околу милијарда евра средства од европските фондови стојат на располагање за македонските апликанти), во свечена атмосфера се заокружи првиот Национален бизнис форум во Скопје.

За настанот од медиумите:

https://time.mk/r/c/ace12931e9/

https://time.mk/r/c/cacdbf4ead/ 

За сите наши клиенти, канцелариите на Лајон Инс низ републиката се отворени за дополнителни информации и совети во врска со користење на финансиски средства од европските програми за финансирање. 

TOP